Били Ајдол
Вилијам Мајкл Алберт Броуд, (англ. William Michael Albert Broad; роден на 30 ноември 1955) професионално познат како Били Ајдол (англ. Billy Idol) ― англиско-американски[1] пејач, текстописец, музичар и глумец. Тој на лондонската панк-рок сцена стекнал слава во втората половина од 1970-тите како водечки пејач во групата Generation X. На почетокот од 1980-тите започнал соло-кариера по што стекнал светска слава и станал еден од најистакнатите претставници од „Втората британска инвазија“ во САД и една од првите ѕвезди на музичката телевизиска станица MTV. Детство и образованиеВилијам Мајкл Алберт Броуд е роден на 30 ноември 1955 година во Стенмор, Англија.[2] Неговите родители биле побожни Англиканци и редовно оделе во црква. Ајдол бил половина Ирец; неговата мајка била родена во Корк.[3] Во 1958 година неговото семејство се преселило во САД, а четири години подоцна се вратиле во Англија и живееле во Доркинг, Сари.[4] Во 1971 година, семејството се преселило во Бромли во југоисточен Голем Лондон, каде што Ајдол учел во училиштето за момчиња „Равенсборн“. Откако со семејството подоцна се преселил во предградие во Вортинг во Западен Сасекс, Ајдол учел во средното училиште за момчиња во Вортинг.[5] Во октомври 1975 година, почнал да студира на Универзитетот во Сасекс на Факултетот за англиски јазик, но ги прекинал студиите во 1976 година. Потоа се приклучил на групата обожаватели на „Секс пистолс“, од новинарите наречена „Контингентот од Бромли“, која била група обожаватели на групата која ги следела на сите нивни настапи.[6][7] Кариера1976–1981: Член на групата Generation XИмето „Били Ајдол“ потекнива од описот на неговиот наставник по хемија кој во училишниот извештај за го опишал Ајдол како „неактивен“ (англ. idle). Во интервју за BBC Breakfast во октомври 2014 година, тој рекол дека сакал да го користи името „Били Ајдл“ (Billy Idle), но сметал дека името нема да биде достапно поради сличноста со името на ѕвездата од Монти Пајтон, Ерик Ајдл и затоа го избрал Били Ајдол (Billy Idol).[8] Кон крајот на 1976 година, тој се приклучил како гитарист на новоформираната ретро-рок група од Западен Лондон, Chelsea.[9] По неколку недели поминати во настапи со Chelsea, Ајдол и бас-гитаристот од групата Тони Џејмс, се повлекле од групата и ја основале Generation X. Ајдол станал пејач/фронтмен на новата група. Generation X била една од првите панк-групи кои биле емитувани на музичката програма на телевизијата БиБиСи Top of the Pops.[10] Иако биле панк-рок-група, тие биле инспирирани од британскиот поп од средината на 1960-тите, а Ајдол изјавил: „Ние бевме спротивност на Clash и Pistols. Тие не ги пееја „Елвис, Beatles ниту Ролинг Стоунс“, но ние бевме искрени за тоа што ни се допаѓа, вистината беше дека сите ја градевме нашата музика врз Битлси и Стоунс.[11] Generation X потпишале договор за снимање со Chrysalis Records, издале три студиски албуми, настапиле во филмот DOA: A Rite of Passage од 1980 година, а потоа се распаднале.[12] 1981–1985: Соло кариера и светска славаАјдол се преселил во Њујорк во 1981 година каде што започнал соло-кариера соработувајќи со поранешниот менаџер од Kiss, Бил Окоин. Панк имиџот на Ајдол добро се совпаѓал со глам-рок-стилот на неговиот нов соработник, гитаристот Стив Стивенс.[13] Прво издание на Ајдол како соло-пејач било EP-то под наслов Don't Stop издадено во 1981 година, на кое се наоѓала и песната од Generation X „Dance with Myself“, првично снимена за нивниот последен албум Kiss Me Deadly. Првиот соло албум на Ајдол, Billy Idol бил издаден во јули 1982 година.[14] Неговите песни „White Wedding“ и „Dancing with Myself" во 1982 година биле често емитувани на музичката телевизија МТВ, а Ајдол набрзо станал најистакнат претставник на Втората британска инвазија во САД и една од првите музички ѕвезди на МТВ. Rebel Yell (1983), вториот мини-албум на Ајдол, забележал огромен успех,[15] а Ајдол ја зајакнал неговата популарност во САД со хит-песните како: „Rebel Yell“, „Eyes Without a Face“ и „Flesh for Fantasy“. „Eyes Without a Face“ се искачила на четврто место на американскиот Билборд Хот 100, а „Rebel Yell“ на шесто место на топ-листата за синглови во Велика Британија.[16][17] 1986–2004: Следни албуми и пад на популарностаАјдол го издал албумот Whiplash Smile во 1986 година и тој солидно се продавал.[15] Популарни песни од албумот биле „To Be a Lover“, „Don't Need a Gun“ и „Sweet Sixteen“, песна во кантри-стил и една од неговите ретки балади. Набрзо потоа, Стив Стивенс започнал независна кариера и ја завршил неговата соработка со Били Ајдол. Во 1987 година бил издаден ремикс-албум под наслов Vital Idol. Албумот содржел изведба во живо на неговата преработка на песната „Mony Mony“ од Томи Џејмс. На 6 февруари 1990 година во Холивуд, Ајдол на мотор доживеал тешка сообраќајна несреќа и за малку ќе ја загубел едната нога.[18] Пред несреќата, филмскиот режисер Оливер Стоун го избрал Ајдол за улогата на другарот на Џим Морисон во неговиот филм Дорс (1991); несреќата го спречила да има позначителна улога и во филмот Ајдол само накратко се појавил.[19] Били Ајдол бил прв избор на Џејмс Камерон за улогата на негативецот Т-1000 во Терминатор 2: Судниот ден (1991); по несреќата улогата му била доделена на друг глумец.[20] Албумот Charmed Life бил објавен во 1990 година. На спотот за песната „Cradle of Love“, поради повредите здобиени во сообраќајната несреќа,[21] Ајдол бил сниман само од половината нагоре. За „Cradle of Love“, Ајдол бил номиниран за Греми за „Најдобра машка рок вокална изведба“.[22] Во 1993 година, Ајдол го издал албумот Cyberpunk.[23] Албумот се смета за експериментален и бил снимен на Мекинтош компјутер во домашно студио. Албумот слабо поминал во САД, а водечкиот сингл „Shock to the System“ не се пласирал на топ-листата Billboard Hot 100. Во Европа, албумот поминал малку подобро. Ајдол бил на турнеја низ Европа и свирел на концертот за обединување на Generation X во 1993 година.[24] Во 1994 година тој го снимил и го издал синглот „Speed“; песната била претставена како прва песна во саудтракот за филмот <i>Брзина</i> . Ајдол се појавил во камео-улога како себеси во филмот од 1998 година „Свадбениот пејач“ со Адам Сендлер“, во кој Ајдол одиграл клучна улога во заплетот. На саундтракот од филмот се наоѓа песната „White Wedding“ од Били Ајдол.[25] Во 2000 година, бил гостин-пејач на дебитантскиот соло-албум на Тони Ајоми. Придонел со песната „Into the Night“, за која бил котекстописец. Истата година, го позајмил гласот на Один во анимираниот научно-фантастичен филм Heavy Metal 2000. 2005–Денес: Подоцнежна кариераDevil's Playground, издаден во март 2005 година, бил прв студиски албум на Ајдол по безмалку 12 години. Албумот стигнал до 46-то место на Билборд 200. На 24 јуни 2008 година, Ајдол го издал албумот со најголеми хитови The Very Best of Billy Idol: Idolize Yourself. Потоа, тргнал на светска турнеја, заедно со Def Leppard. Во 2013 година, Ајдол се појавил во третата епизода од серијата на BBC Four Како Британците ја потресоа Америка.[26] Ајдол, исто така, го позајмил гласот на Спајки во епизода од серијата Ренди Канингем: Нинџа од 9-то одделение.[27][28] Во октомври 2014 година, Ајдол го издал неговиот осми студиски албум Kings & Queens of the Underground. Автобиографијата на Ајдол, Танцување со себеси, била објавена на 7 октомври 2014 година и станала бестселер на Њујорк Тајмс.[29] На 30 октомври 2018 година, поранешните членови на Generation X, Ајдол и Тони Џејмс, заедно со поранешните членови на Секс Пистолс, Стив Џонс и Пол Кук одржале бесплатен концерт во Рокси во Холивуд под името Generation Sex. Тие свиреле комбиниран сет од песни од двете поранешни групи.[30] Во 2020 година Били Ајдол бил гостин-пејач на песната „Night Crawling“ од албумот од Мајли Сајрус Plastic Hearts, објавен во ноември 2020 година. Во 2016 година, Ајдол и Сајрус ја извеле „Rebel Yell“ на фестивалот iHeartRadio во Лас Вегас.[31] На 12 август 2021 година, музичкото видео на Ајдол „Bitter Taste“, во режија на Стивен Себринг, било поставено на YouTube. Ајдол го најавил неговото ново EP The Roadside, кое било објавено на 17 септември.[32] Уште едно ЕР, The Cage, било објавено на 23 септември 2022 година. Во март 2022 година, на Ајдол му била дијагностицирана MРСА, по што бил принуден да ја откаже заедничката турнеја со групата Journey.[33] На 6 јануари 2023 година, Ајдол добил своја ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.[34] Личен животАјдол не се женел, но имал долгогодишна врска со англиската пејачка и танчерка Пери Листер. Тие имаат еден син роден во Лос Анџелес во 1988 година.[35] Листер и Ајдол се разделиле во 1989 година.[36] Ајдол има и ќерка од врската со Линда Матис.[37][38] Ајдол долги години се борел со алкохолизам и зависноста од дрога. Во 2014 година, Ајдол изјавил дека не земал тешки дроги од 2003 година, но додал дека редовно пуши канабис и дека понекогаш пие.[39] Во 2018 година, Ајдол станал натурализиран американски државјанин, но го задржал британското државјанство.[40] Ајдол има две внуци.[41] ДискографијаСтудиски албуми
EP-a
Наводи
Надворешни врски
|