Брукхејвенска национална лабораторија (англиски: Brookhaven National Laboratory, BNL) — научна установа на Министерство за енергетика на САД, една од поголем број државни „национални лаборатории“ посветени на науката. Сместена во месноста Аптон на островот Лонг Ајленд, Њујорк, а основана е во 1947 г. на местото на поранешната воена база „Кемп Аптон“. Наречена е по градот Брукхејвен, во чие пошироко подрачје влегува установата.
Работна поставеност
Иако лабораторијата е во сопственост на Министерството за енергетика, научните истражувања ги вршат повеќе универзитети и научни организации, кои воедно стопанисуваат со неа во здружен облик.
Лабораторијата има кадар вкупно 3.000 вработени, меѓу кои научници, инженери, техничари и помошен персонал, како и до 4.000 гостински истражувачи годишно,[1] а откритијата направени во неа довеле до повеќе Нобелови награди.[2]
Брукхејвенската национална лабораторија има своја полициска станица, противпожарна служба и поштенски број (11973). Зафаќа вкупна површина од 21,3 км2 со своја железничка делница, по која сообраќаат возови по потреба.
На 21 март 1947 г. Кемп Аптон прешол од Министерството за одбрана (војна) во сопственост на Комисијата за атомска енергија на САД (AEC), претходник на Министерство за енергетика.
Главни програми
Иако бил првобитно предвиден како центар за јадрени истражувања, денес задачите на центарот се многу поопсежни. Во него се одвива работа на следниве полиња:
Центар за функционални наноматеријали (Center for Functional Nanomaterials, CFN) — строј за проучување на материјали во наноразмери.[10]
Национален синхротронски извор на светлина II (National Synchrotron Light Source II, NSLS-II) — наследник на Националниот синхротронски извор на светлина[11] кој во својата тридецениска историја привлекол повеќе истражувачи од било кој друг научен строј на светот,[12] овозможувајќи го откритието наградено со Нобеловата награда за хемија во 2003 г.[13]
Синхротрон со наизменичен наклон (Alternating Gradient Synchrotron, AGS) — забрзувач на честички, од чија употреба произлегле три нобелови награди.[14]
Постројка за забрзувачки проби (Accelerator Test Facility, BNL-ATF) — направа за создавање, забрзување и надзор на снопови од честички.[15]
„Тандем Ван де Граф“ (Tandem Van de Graaff) — своевремено најголем електростатички забрзувач на светот.[16]
„Њујорк блу џин“ (New York Blue Gene) — 18-поличен суперсметач (со дополнителен двополичен сродник) во соработка со универзитетот „Стоуни Брук“.[17]