За потеклото на името на ова село, кое се наоѓа на височинка, има две приказни:
според мештаните, името е од пред неколку века, уште од турско време: кога доаѓал аскерот да ги гаѓа комитите на височинката со топови, се слушале команди: „Пали!“ Бидејќи Турците промашувале, овие одозгора им покажувале среден прст или цела рака и ги провоцирале на цел глас.
Елка Јачева-Улчар, пак, објаснува дека името Паликура има грчко потекло. „Палаиос“ е грчка придавка, со значење стар, вели таа. И именката „хорион“ е грчка, а значи село, па, според тоа, Паликура е Старо Село.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа на крајниот северен дел на Општина Росоман, недалеку од реката Црна, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Градско.[2] Селото е рамничарско и се наоѓа на надморска височина од 140 метри. Од градот Кавадарци, селото е оддалечено 22 километри.[2] Селото се наоѓа во северниот дел на областа Тиквеш, оддалечено 5 километри североисточно од општинскиот центар Росоман.
За Паликура се вели дека е доста старо село, но првичното население се изгубило. Турците го нарекувале Хидавери-Темишвар.[3]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 11,6 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 716 хектари, на пасиштата отпаѓаат 348 хектар, а на шумите само 14 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него има услужни објекти.[2]
Во отоманскиот период, мештаните биле земјоделци, најчесто работејќи како чифлигари. Чифлигот променил многу сопственици, но последен сопственик пред Балканските војни бил некој Германец од Хајлброн. По војните, чифлигот бил колонизиран и со тоа и дотогашните мештани и колонистите добиле по неколку хектари земја.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[7]
Селото во 1961 година било средно по големина, со 387 жители, од кои 332 биле Македонци, а 40 Срби. Додека, во 1994 година бројот се намалил на 209 жители, од кои 197 биле Македонци, 7 Роми и 5 жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 183 жители, од кои 161 Македонец, 4 Роми, 17 Македонски Срби и 1 останат.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 145 жители, од кои 103 Македонци, 14 Роми, 9 Срби, 1 останат и 18 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од почетокот на 1920-тите години, во селото биле застапени следниве родови:[3]
Македонски родови:
Доселеници:Атанасковци (1 к.), доселени се на почетокот од XIX век од селото Сопот; Петрушевци (1 к.), доселени се во 1894 година од селото Горно Чичево; Јановци (1 к.), доселени се во 1899 година од селото Крајници кај Велес; Лазорковци (2 к.), доселени се во 1904 година од селото Долно Чичево; Шоповци-Драгожели (2 к.), доселени се во 1905 година од селото Драгожел, а таму се доселени од околината на Штип; Јовановци (2 к.), доселени се во 1906 година од селото Росоман; Аврамовци (1 к.), доселени се во 1906 година од селото Горна Бошава; Димовци (1 к.), доселени се во 1906 година од селото Глишиќ; Лазорковци (1 к.), доселени се во 1907 година од селото Горна Бошава; Ѓоргијовци (1 к.), доселени се во 1908 година од селото Долно Чичево; Петровци (1 к.), доселени се во 1910 година од Горно Чичево и Димовци (1 к.), доселени се од селото Крстец кај Прилеп.
Српски родови (колонисти):
Доселеници:Перовиќи (2 к.), доселени се од Селишта, срез Косанички, округ Топлички; Иванчевиќи (1 к.), доселени се од Добри Дол, срез Косанички, округ Топлички; Филиповиќи (1 к.), доселени се од Матевац, срез Нишки, округ Нишки; Ристиќи (1 к.) и Анѓелковиќи (1 к.), доселени се од Бабушница, срез Лужнички, округ Пиротски; Ѓоргевиќи (2 к.), Пејчиќи (1 к.) и Ќириќи (1 к.), доселени се од Крупца, срез Нишавски, округ Пиротски; Јовановиќи (1 к.) и Панчиќи (1 к.), доселени се од Велики Јовановац, срез Нишавски, округ Пиротски; Јовановиќи (1 к.), доселени се од Трнава, срез Нишавски, округ Пиротски; Панајотовиќи (1 к.), доселени се од Басаре, срез Нишавски, округ Пиротски; Пасулски (1 к.), доселени се од Кралево, округ Пиротски; Павловиќи (1 к.), доселени се од Влахово, срез Сврљишки, округ Нишки; Нсапуски (1 к.), Следски (1 к.), Поп (1 к.), Даруд (1 к.), доселени се од Требља, во романскиот дел од Банат. Може се од романско потекло; Лаибиќи (1 к.), доселени се од Љугоша, во Банат; Скврге (1 к.), доселени се од Капеље, срез Коренички, округ Огулински; Миковиќи (1 к.), доселени се од Чело-Брда кај Бока Которска во Црна Гора; Кашанејери (1 к.), доселени се од Пржнова кај Бока Которска во Црна Гора; Зеновиќи (1 к.), доселени се од Крстач кај Бока Которска во Црна Гора; Андровиќи (1 к.), доселени се од Ќутовиќа кај Бока Которска во Црна Гора; Гвозденовиќи (1 к.), доселени се од Црмница кај Вирпазар во Црна Гора.
Селото влегува во рамките на Општина Росоман, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Росоман.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Градско.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Росоман, во која покрај селото Паликура се наоѓале селата Камен Дол, Крушевица, Манастирец, Рибарци, Росоман, Сирково и Трстеник. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Росоман, во која влегувале селата Паликура и Росоман.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0713 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 јануари 2025.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“