Сид
Сид (француски: Le Cid) — трагикомедија во пет чина, дело на францускиот писател Пјер Корнеј. Првата изведба на драмата била во јануари 1636 година, во Париз. Таа е заснована врз драмата на Гијен де Кастро, Las mocedades del Cid од 1618 година.[1] Драмата на Кастро, од друга страна, се темели врз легендата за Ел Сид. „Сид“ се смета за најдобрата драма на Корнеј и по премиерата била толку популарна што довело до голема расправа околу нејзиниот квалитет, позната како „Кавгата на Сид“ (француски: Querelle du Cid). ЛиковиДејството во драмата се одвива во Севиља, а во неа се појавуваат следниве ликови:[2]
СодржинаПрв чинХимена ја прашува својата гувернанта Елвира за мислењето на нејзиниот татко во однос на дон Родриго во кого таа е вљубена. Елвира ѝ соопштува дека нејзиниот татко е благонаклонет кон дон Родриго. Химена е пресреќна поради тоа, но претчувствува некаква несреќа. Кралската ќерка е, исто така, вљубена во дон Родриго, но свесна дека мора да земе маж од кралско семејство, таа ја поттикнува љубовта меѓу дон Родриго и Химена. Истовремено, дон Диего го посетува контот дон Гомес, кажувајќи му за љубовта меѓу нивните деца. Меѓутоа, дон Гомес му е љубоморен на дон Диего, кој е повикан да му биде личен воспитувач на кралскиот син. Иако дон Диего уживал голема слава поради храбрите дела во младоста, дон Гомес (кој ужива слава како голем војсководач) смета дека тој треба да го воспитува принцот, зашто сегашните заслуги се поважни од минатите. Притоа, во расправата, тој му удира шлаканица на стариот дон Диего, кој потоа бара од дон Родриго да ја одмазди неговата чест. Така, дон Родриго е растргнат меѓу љубовта кон Химена и должноста кон семејната чест.[3] Втор чинКралот веќе слушнал за расправата меѓу дон Диего и дон Гомес и сака да ги смири, но истовремено е бесен поради горделивоста на дон Гомес, кој смета дека е премногу важен за кралството за да биде казнет. Истовремено, слушајќи за кавгата, повторно се буди надежта на инфантата дека ќе може да го освои дон Родриго. Кралот заповеда да го доведат дон Гомес, но тој и дон Родриго излегуваат на двобој при што победува дон Родриго. По двобојот, Химена доаѓа кај кралот барајќи казна за убиецот на нејзиниот татко, но во исто време дон Диего застанува во одбрана на својот син, оправдувајќи ја неговата постапка како оправдана и чесна.[4] Трет чинДон Родриго оди во домот на Химена и ѝ ја нуди својата глава како цена за убиството на татко ѝ. Химена е растргната од две чувства: од една страна, таа ја посакува смртта на Родриго, а од друга страна, не сака да го загуби саканиот. Дон Диего, кој насекаде низ градот го бара својот син, конечно го среќава и му соопштува дека кон градот се приближува војската на Маварите, поттикнувајќи се да ја искаже храброста на бојното поле.[5] Четврти чинДо Химена пристигнува веста за херојството на дон Родриго, кој успеал да ја победи маварската војска при што заробил двајца нивни крала. Целиот град го слави дон Родриго како спасител на кралството, но таа не сака да попушти пред желбата да ја одмазди смртта на својот татко. Во меѓувреме, кралот го прима дон Родриго и му укажува најголеми почести за стореното дело. Тогаш, во дворецот доаѓа Химена која бара правда, а за да ја провери, кралот ѝ кажува дека Родриго погинал во борбата, со што ја открива нејзината љубов. Сепак, таа останува тврдоглава и бара да се организира двобој во кој некој од рицарите би го убил Родриго, а за возврат, таа би се омажила за победникот. Кралот го зема во заштита Родриго, но дон Диего се спротивставува на тоа, барајќи веднаш да се организира двобојот во кој Родриго ќе ја сочува честа или ќе умре. Еден од благородниците, дон Санчо, кој е вљубен во Химена, прифаќа да се бори со дон Родриго.[6] Петти чинДон Родриго повторно ја посетува Химена, кажувајќи дека доброволно ќе умре во двобојот, само за да ја задоволи нејзината чест. Водена од љубовта кон него, Химена бара од него да се бори чесно и да го убие противникот. Во меѓувреме, откако дон Родриго станал херој на Кастиља, повторно се буди љубовта кај инфантата, кој сонува дека тој ќе стане крал и така ќе може да се омажи за него. Кај Химена пристигнува дон Санчо носејќи го мечот на Родриго. Уште пред да може да раскаже што се случило, таа помислува дека Родриго е мртов и го напаѓа дон Санчо, изјавувајќи дека, наспроти претходното ветување, никогаш нема да се омажи со него, зашто вечно ќе го сака Родриго. Подоцна, Химена ја признава својата љубов пред кралот, со молба да замине во некој манастир, но тој ѝ соопштува дека Родриго е жив. Притоа, бидејќи смртта на дон Гомес е сè уште свежа, кралот го испраќа Родриго во војна со Маварите, со ветување дека ќе се ожени со Химена откако ќе помине една година.[7] Инспирација и настанување на делотоТемата на „Сид“ е земена од Стара Кастиља каде постоело долго предание за јунакот Сид. Всушност, станува збор за реален историски лик - Родриго Диаз де Бивар, кој се родил во Бургос, а умрел во 1099 година во Валенсија. Родриго се борел против Маварите, во полза на шпанските кралеви (поради што што Алфонсо VI му ја дал за жена својата внука, принцезата Химена, ќерка на грофот од Астурија), а повремено се борел и против нив (поради што бил присилен да се засолни во Сарагоса). Родриго се стекнал со голема слава, а подоцна историските факти поврзани со него започнале да се менуваат и поетски да се обработуваат, така што тој станал народен херој и бил наречен Сид, што значи: јунак, господар. Во текот на XII и XIII век се појавиле поетски творби посветени на него, како „Песна за Родриго“ и „Римувана хроника“, а подоцна и „Поема за мојот Сид“. Во 1601 и 1605 година, во прочуената збирка на шпански романси од XII до XVI век, Romacero general песните за Сид заземале видно место, а во 1612 година се појавила посебна книга посветена на него, Romancero del Cid. Малку подоцна, во „Историјата на Шпанија“ од езуитскиот свештеник Хуан де Маријана приказната за Сид претрпела значителни промени: Родриго го убива таткото на Химена, така што таа бара од кралот да се казни убиецот, но на крајот двајцата се венчаваат. Најдобрата поетска обработка на легендата за Сид во шпанската книжевност се среќава кај Гилен де Кастро, кој ги напишал драмите „Јуначките подвизи од детството на Сид“ (Las Mocedades del Cid) и „Херојствата на Сид“ (Las Hazanas del Cid), отпечатени во 1618 година во првиот дел од неговите „Комедии“ (Comedias).[8]
Осврт кон делотоУште по првото прикажување, драмата „Сид“ постигнала голем успех, благодарение на новата тема, благородните чувства и силниот карактер на ликовите. Публиката била воодушевена, редовно пред театарот „ди Маре“ имало долги редови и турканици, салата била недоволна за да ги прими сите заинтересирани, а претставите биле проследени со долги ракоплескања. Гледачите на можеле да се заситат од претставата, многу луѓе оделе на неколку претстави по ред, а повеќе стихови луѓето ги знаеле напамет и ги рецитирале. Како последица на големиот успех на драмата, во тоа време се јавила поговорката „убаво како Сид“. Инаку, кога била отпечатена, пиесата „Сид“ била наречена трагикомедија, зашто според тогашните сфаќања трагедијата требало да има крвав расплет. Сепак, подоцна, делото секогаш било именувано како трагедија.[10]
Изданија на македонски јазикВо 1970 година, издавачката куќа Македонска книга го објавила делото „Сид“ во препев на Ацо Шопов. Книгата била објавена во рамките на библиотеката „Атлас“. Покрај трагедијата „Сид“, во книгата е содржан и осврт врз животот и делото на Пјер Корнеј, чиј автор е Ѓорѓи Шоптрајанов. Книгата, со обем од 126 страници, била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во декември 1969 година, во тираж од 5.000 примероци. Техничкото уредување на книгата и нацртот на корицата ги направил Коста Бојаџиевски, а коректор била Катерина Тошева. Изданието не е каталогизирано и не ја содржи меѓународната ознака ISBN.[2] Надворешни врски
Наводи
|