СтратиграфијаСтратиграфија ― гранка од геологијата која се занимава со проучување на слоевите на карпите и утврдување на нивната релативна геолошка старост. Првенствено се користи за проучување на седиментни и слоевити вулкански карпи. Стратиграфијата се дели на три меѓусебно поврзани подгранки: литостратиграфија (литолошка стратиграфија), биостратиграфија (биолошка стратиграфија) и хроностратиграфија (стратиграфија според возраста). Историски развојТеоретската основа на стратиграфијата ја воспоставил католичкиот свештеник Николас Стено откако во 1669 г. ги објавил: законот за суперпозиција, принципот на оригинална хоризонталност и принципот на страничен континуитет. Вилијам Смит во 1790-тите и почетокот на 19 век,[1] бил прв кој практично ја применувал стратиграфијата во поголеми размери. Смит го препознал значењето на слоевите кај карпите и важноста на фосилните маркери за поврзување на слоеви; тој ја создал првата геолошка карта на Англија. Други истакнати стратиграфи од почетокот на 19 век биле од Жорж Кивје и Александар Броњар, кои ја проучувале геологијата околу Париз. ЛитостратиграфијаЛитостратиграфијата е проучување на разликите во составот на карпите, оносно лесно воочливите слоеви, настанати поради разликите во физичките својства (литологија). Раслојувањето може да биде вертикално или бочно, и ги одразува промените во средини на таложење (познати како промена на фација). Ваквите разлики овозможуваат литостратиграфија (односно литолошка стратиграфија) на карпестата единица. Со стратиграфијата треба да се воочи појавувањето на одредени геометриски врски помеѓу слоевите на карпите и на што наведуваат овие геометриски врски за нивната оригинална депонирачка средина. Основниот концепт во стратиграфијата, наречен закон за суперпозиција, гласи: во недеформирана стратиграфска низа, најстарите слоеви се појавуваат во основата на низата. Хемостратиграфијата ги проучува промените во релативните пропорции на хемиски елементи и изотопи во литолошките единици. Односот на јаглеродните и кислородните изотопи се менуваат со текот на времето, и ова може да се искористи за да одредат суптилните промени кои се случиле во палеосредината. Од ова насталало специјализираното поле - изотопска стратиграфија. Циклостратиграфијата ги бележи честите циклични промени во релативните пропорции на минералите (претежно карбонати), големината на зрната, дебелината на седиментните слоеви и фосилната разновидност со текот на времето, поврзани со сезонските или подолготрајните промени во палеоклимата. БиостратиграфијаБиостратиграфијата или палеонтолошката стратиграфија се заснова на фосилни докази во слоевите на карпите. Биолошката стратиграфија се засновала на принципот од Вилијам Смит за последователност на фауната, кој претходел и бил еден од првите докази за биолошката еволуција. Тој дава силни докази за преобразба (водообразба) и исчезнување на видовите. Во 19 век била развиена геолошката временска скала заснована на доказите за биолошка стратиграфија и последователност на фауната. Оваа временска скала била користена до развојот на радиометриското датирање, кое се заснова на апсолутна временска рамка, што довело до развој на хроностратиграфија. Биостратиграфијата помогнала во дефинирање на Вејловата крива, која се обидува да ги прикаже промените на нивото на морето низ геолошката историја врз база на заклучоците од стратиграфските мостри од цел свет. Стратиграфијата, исто така, најчесто се користи за разграничување на природата и обемот на карпите кои содржат јаглеводороди во нафтената геологија. ХроностратиграфијаХроностратиграфијата е гранка на стратиграфијата која ја утврдува апсолутната, а не релативната старост на карпестите слоеви. Оваа гранка се занимава со изведување геохронолошки податоци за карпестите единици на начин од кој може да се изведе низа од временски релативни настани што довеле до создавање на карпите. Крајната цел на хроностратиграфијата е да се одреди редоследот на таложење на сите карпи во геолошкиот регион, а потоа во секој регион, и со проширувањето да се обезбеди целиот геолошки запис за Земјата. Јазот или слоевите што недостасуваат во геолошкиот запис на една област се нарекува стратиграфски прекин. Ова може да настане како резултат на запирање на таложењето на седиментот. Исто така, јазот може да настане поради отстранување на слој со ерозија, и во овој случај може да се нарече стратиграфска празнина.[2][3] МагнетостратиграфијаМагнетостратиграфијата е хроностратиграфска техника која се користи за одредување на староста на седиментни и вулкански секвенци. Прво се прибираат примероци од измерени интервали од еден дел од карпата. Потоа примероците се анализираат за да се одреди нивниот детритален ремантен магнетизам (DRM), односно поларитетот на магнетното поле на Земјата во моментот кога се депонирал слојот. Ова е можно кај седиментните карпи затоа што многу ситнозрнести магнетни минерали (< 17 μm), додека се таложат се однесуваат како мали компаси, свртени кон магнетното поле на Земјата. Кога ќе се закопаат остануваат свртени на таа страна. Кај вулканските карпи, магнетните минерали, кои се формираат при топењето, се вртат кон магнетното поле и се зацврстуваат на своето место при кристализација на лавата. Поврзано
Наводи
Дополнителна литература
Надворешни врски
|