Шведска Померанија
Шведска Померанија (шведски: Svenska Pommern; германски: Schwedisch-Pommern) — поранешен доминион под шведската круна од 1630 до 1815, сместен на балтичкиот брег на денешната граница помеѓу Германија и Полска. По Полската и Триесетгодишната војна, Шведска зазела контрола над земјите на јужниот балтички брег, вклучувајќи ја Померанија и делови од Ливонија и Прусија (dominium maris baltici). Шведска, присутна во Померанија со гарнизон кај Штралзунд од 1628, стекнала контрола над Војводството Померанија со Штетинскиот договор во 1630. Со Вестфалскиот мир во 1648 и Штетинскиот договор во 1653, Шведска ја добила Западна Померанија, (германски: Vorpommern) со островите Риген, Узедом и Волин и дел од Задна Померанија (Hinterpommern). Мировните договори биле преговарани додека шведската кралица Кристина била малолетна, а Шведското Царство било управувано од членови на високото благородништво. Поради тоа, Померанија не била припоена кон Шведска, што би можело да значи укинување на правото на селаните, кое померанските селани го добиле уште во 1616. Наместо, останал дел од Светото Римско Царство, правејќи ги шведските владетели „царски принцови“ (Reichsfürsten) и оставајќи го благородништвото да биде главно во руралните области и неговите жители. Во 1679, Шведска ги изгубила најголем дел од поседите во Померанија источно од реката Одра со Договорот од Сен Жермен, а во 1720, Шведска ги изгубила своите поседи јужно од Пене и источно од Пенештром со Стокхолмскиот договор. Овие области биле предадени на Бранденбург-Прусија и биле додадени на бранденбуршка Померанија. Исто така во 1720, Шведска го повратила остатокот од нејзиниот доминион со Договорот од Фредериксборуг, кој го изгубила од Данска во 1715. Во 1814, како последица на Наполеоновите војни, Шведска Померанија била предадена на Данска во размена за Норвешка со Килскиот договор, а во 1815, како последица на Виенскиот конгрес, била предадена на Прусија. Името Померанија доаѓа од словенскиот збор по море, кој означува „земја на море“.[1] ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|