Шлезвиг-Холштајн (покраина)
Шлезвиг-Холштајн (германски: Provinz Schleswig-Holstein) — покраина на Кралството Прусија и на Слободната Држава Прусија од 1868 до 1946 година. Била создадена од Војводствата Шлезвиг и Холштајн, кои биле освоени од Прусија и Австриското Царство од Данска во Втората Шлезвишка војна во 1864 година. По Австриско-пруската војна во 1866 година, која завршила со австриски пораз, Шлезвиг и Холштајн биле припоени од Прусија. Покраината била создадена во 1868 година и кон неа било додадено и Војводството Лауенбург од 1876 година. По поразот на Германското Царство во Првата светска војна, сојузничките сили организирале два референдума во Северен и Среден Шлезвиг на 10 февруари и на 14 март 1920 година, соодветно. Во Северен Шлезвиг, 75% гласале за повторно обединување со Данска, а 25% за останување со Германија. Во Среден Шлезвиг, состојбата била обратна со 80% од гласовите за Германија и 20% за Данска. Не се случило гласање во јужната третина на Шлезвиг, бидејќи се сметало за веќе донесена одлука дека скоро сите жители ќе гласаат за останување со Германија. На 15 јуни 1920 година, Северен Шлезвиг официјално бил вратен на Данска. Остатокот на Шлезвиг останал дел од Шлезвиг-Холштајн, сега покраина на Слободната Држава Прусија. Со Законот за голем Хамбург од 1937 година, Слободниот и ханзеатски град Либек и олденбуршката енклава Регион Либек биле припоени кон Покраината Шлезвиг-Холштајн, додека голем број соседни општини на Хамбург, меѓу нив и градовите Алтона и Вандсбек, биле припоени кон Ханзеатскиот град Хамбург. Хамбург пак ги предал енклавите Гестхахт и Гросхансдорф на Шлезвиг-Холштајн. По Втората светска војна, Шлезвиг-Холштајн бил дел од британската окупациска зона, иако некои општини на Шлезвиг-Холштајн источно од Рацебург биле разменети за општини на Мекленбург во советската окупациска зона. Британската окупациска зона станала нова сојузна покраина на Шлезвиг-Холштајн на 23 август 1946 година, која станала дел од Сојузната Република Германија на 23 мај 1949 година.[1] ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|