ЛеќаЗа други значења на поимот, погл. Леќа (појаснување).
Леќа („кујнска леќа“ или „обична леќа“; англиски: Lens culinaris) — грмушесто едногодишно растение од семејството на бобови (Fabaceae) кое нашироко се одгледува како зрнеста култура. Достигнува 40 см во висина и има обично по две сплеснати семки сместени во мешунка. Човекот ја користи леќата за исхрана уште од предгрнчарскиот период на новото камено време и со тоа е една од првите припитомени растителни култури на Блискиот Исток. Археолошките наоди укажуваат на нејзина употреба пред 9.500 до 13.000 години.[1] По боја, леќата може да биде жолта, портокалово-црвена, зелена, кафеава или црна.[1] Сортите се разликуваат и по големина и се продаваат со или без лупка, располовени или цели. Хранлива вредност и здравствени особини
Со приближно 30% од калориите во белковински облик, леќата го зазема третото место по застапеност на белковини по единица тежина од сите зрнести, оревести и мешункасти плодови, веднаш по сојата и конопот.[2] Во белковините се застапени неопходните аминокиселини изолеуцин и лизин. Како таква, леќата има голема улога како важен извор на белковини кај земјите од Западна Азија и Индискиот Потконтинент кои имаат големо вегетаријанско население.[3] Од друга страна, растението е недостатно на две еденцијални аминокиселини: метионинот и цистеинот.[4] Леќата содржи и прехранбени влакна, фолна киселина, витамин Б1 и минерали. Црвената (или розова) леќа има пониска концентрација на влакна од зелената (11% наспроти 31%).[5] Важи за мошне добар извор на железо. Една шолја сварена леќа задоволува преку половина од дневната потреба од железо кај човекот.[6] Бидејќи леќата има мали количества на лесносварлив скроб (5%), а доста бавносварлив скроб (30%), таа е особено погодна за лица со шеќерна болест. Останатите 65% се отпорен скроб од класата RS1,[7] кој е висококвалитетен отпорен скроб со 32% амилоза. Леќата има и извесни противхранлици чинители, како што се трипсински забавувачи и релативно големата количина на фитати. Трипсинот е ензим со улога во варењето на храната, а фитатите ја намалуваат биорасположивоста на прехранбените минерали.[8] Количеството на фитати може да се намали со чување на леќата во топла вода одвечер. ПроизводствоРастението се одгледува ширум целиот свет и е релативно отпорно на суша. Според Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН (ФАО) во 2009 г. во светот се произведени 3,917 милиони тони леќа, од кои најголемиот дел во Канада, Индија, Турција и Австралија. Во Република Македонија производството на леќа бележи голем пад во последните две децении. Во 2007 г. се произведени 87 тони, споредено со 177 тони во 1999 г. и 254 тони во 1992 г.[9] Околу една четвртина од леќата во светот се произведува во Индија и речиси сета се троши на домашниот пазар. Канада е најголем извозник на леќа во светот, при што 99% од неа се произведува во Саскачеван.[10] Во сезоната 2009/10 во земјата се произведени рекордни 1,5 милиони тони.[11] Најзастапена сорта е светлокафеавата.[10]
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|