Планина — возвишување на Земјината површина во одредени подрачја коe е резултат на активноста на внатрешните сили во Земјината кора.
Постојат многу теории за создавањето на планините. Според најновите, тие се резултат на судир на големи плочи на Земјината кора. Сето тоа почнува кога две од овие плочи се одвојуваат и оставаат меѓу нив потонато подрачје. Тогаш таму се таложат седиментите додека нивното огромно количество не предизвика тонење на блокот. Тоа, пак, предизвикува двете плочи да бидат повлечени, но сега во иста насока. Додека се приближуваат, тие го виткаат слојот со седименти, а тој, пак, во горниот дел создава возвишување. На крајот, поради рамнотежа на различните маси на Земјината кора, набирањето оди нагоре и така се создава планински венец. Во други случаи, кога плочите се судираат од друга страна, без да има претходно свиткување, се дига Земјината кора и се создава венец на судир.
Поделба на планините
Планините ги делиме на млади верижни и стари грамадни планини.
Првите се одликуваат со остри врвови и најчесто се многу високи. Тие се помлади бидејќи врз нив уште не дејствувала ерозијата, која, во текот на милиони години ќе одзема материјали и ќе ги изедначува облиците, како да е планината „зарамнета“, а тоа им се има случено на старите планини, кои имаат заоблени гребени, па дури и зарамнети.
Орогенеза
Во текот на долгата геолошка историја на Земјата имало четири големи орогенски циклуси (од грчкиoros=гора и genesis=создавање). Како резултат на овие циклуси дошло до создавањето на постојните планини. Последниот од овие циклуси е орогонија алпина, зошто од него се создадени Алпите во Европа, како и денешната структура на Андите во Јужна Америка или Карпестите Планини во Северна Америка.
Планината како тема во уметноста и во популарната култура
Планината како тема во книжевноста
„Прошетка во планината“ — расказ на македонската писателка Христина Аслимоска од 2005 година.[1]
„Убавината на планината“ — расказ за деца на македонскиот писател Киро Донев од 2013 година.[2]