Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња
Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња (англиски: Saint Helena, Ascension and Tristan da Cunha)[3] — британски прекуморски територии сместени во јужниот Атлантски Океан, сочинети од островите Света Елена, Вознесение и архипелагот Тристан да Куња со островот Гоф. Сè до 1 септември 2009 г. го носела името „Света Елена и Зависности“ (Saint Helena and Dependencies), по што стапил на сила нов устав со кој трите територии добиле рамноправен статус. ИсторијаОстровите се од вулканско потекло. Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња порано биле одделни колонии ја англиската круна, иако се откриени од португалски морепловци независно еден по еден, од 1502 до 1504 г. Откривање од ПортугалцитеНа Света Елена први дошле Португалците, утврдувајќи дека островот е ненаселен и има изобилство од дрвја и слатка вода. Довеле добиток, овошни дрва и зеленчук, изградиле црквичка и една до две куќи. Иако не основале трајна населба, островот добил суштинско значење за прибирањето на храна и како собиралиште за пловилата кои се враќале од Азија. Се верува дека англискиот гусар Френсис Дрејк го пронашол островот во последниот потег од неговата пловидба околу Земјата (1577–1580).[4] Подоцна следеле и други посети од разни англиски истражувачи, и со време Света Елена станало место за демнење од каде англиските борбени бродови ги демнеле португалските караки што се враќале од Индија. Развивајќи ја трговијата на исток, Холанѓаните исто така почнале да го посетуваат островот и во 1633 г. формално го прогласиле за нивна сопственост, но не го населиле; кон 1651 г. го напуштиле во полза на нивната колонија на ’Ртот на Добрата Надеж. Англиска и британска колонизацијаВо 1657 г. англиската Источноиндиска компанија добила повелба од Оливер Кромвел,[5] и следната година решила да го утврди островот и да го колонизира со плантажери. Неговиот прв управник, капетанот Џон Датон, пристигнал во 1659 г. со што денес Света Елена е втора по старост преостаната британска колонија, веднаш по Бермуда. Компанијата го довршила утврдувањето и изградила извесен број домови. По враќањето на кралската власт („реставрацијата“) во 1660 г. Источноиндиската Компанија добила кралска повелба, со што се стекнала со исклучиво право на утврдување и колонизација на островот. Тврдината го добила новото име Џејмс (James Fort), а градот станал Џејмстаун (Jamestown) во чест на Војводата од Јорк и престолонаследник, кој подоцна станал кралот Јаков II. Во 1707 г. Кралството Англија влегло во состав на новооснованото Кралство Велика Британија, кое во 1801 г. прераснало во Обединетото Кралство; Британската Империја прераснала во светска велесила. Најважниот и првонаселен остров Света Елена влегол под управа на Источноиндиската Компанија во 1659 г. Островот станал познат за меѓународната јавност како принуден дом на Наполеон Бонапарт, кој бил заточеник на Света Елена од октомври 1815 до неговата смрт на 5 мај 1821 г. Во 1834 г. власта врз островот ја презела самата држава, со што станал крунска колонија.[1] Дотогаш ненаселениот остров Вознесение бил заземен од Британската воена морнарица на 22 октомври 1815 г. која поставила своја база. Со настапувањето на парните погони, тој станал важно место за јагленоснабдување. Од слични причини на 14 август 1816 г. е припоен и островот Тристан да Куња, како зависна територија на ’Ртската Колонија (Британска Јужна Африка), како придобивка од извојуваната победа во Наполеоновите војни. Пред ова припојување, Тристан да Куња за кратко бил место на американска експедиција, која ја нарекла територијата Острови на Починката (Islands of Refreshment). Политичкото соединување на териториите започнало на 12 септември 1922 г. кога со повластици Вознесение станало зависност на Света Елена. На 12 јануари 1938 г. се приклучил и слабо населениот Тристан да Куња, кој дури и денес е мала испостава со население помало од триста жители. Трите островски групи го делеле ова уставно устројство сè до 1 септември 2009 г., кога секоја од нив добила рамноправен статус, па така од „Света Елена и Зависности“ името им е сменето во „Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња“. Втора светска војна и понатамошно воено присуствоВо текот на Битката за Атлантикот и следните години за време на Втората светска војна, Света Елена и Вознесение служеле како база на Сојузниците за патрола на стопанската пловидба и противподморничка одбрана против поморските единици на Силите на Оската. Првично се користеле долгосежни патролни летечки бродови, а подоцна е решено да се зголеми воздухопловната надмоќ врз стопански важите морски патишта, градејќи леталишта на островите, од кои се давала поддршка и залихи за патролните авиони „Каталина“ во важните противподморнички задачи. Военото леталиште на Вознесение денес е во здружена команда на Британија и САД, и воедно служи како средиште за вселенски врски, електронско разузнавање и наземна станица за воздушно-поморска пловидба. Тука е сместен еден од четирите постоечки земски антени за прием на сигнали од ГПС-сателити. ГеографијаТериториите се распространети на огромна оддалеченост во јужниот Атлантски Океан, при што најсеверниот остров (Вознесение) е на 7° 56′ ЈГШ, а најјужниот (Гоф) е на 40° 19′ ЈГШ. Помеѓу Света Елена и Тристан да Куња минува Јужниот Повратник. Од еден до друг крај, територијалната целина се протега 3.642 км, што е исто колку растојанието од Лондон до Мртвото Море. Сместени се на западната полутопка и делат ист часовен појас: средното време по Гринич. Часовите не се менуваат, т.е. нема летно сметање на времето. Иако сите три територии се настанати со вулканизам, само групата на Тристан да Куња покажува тековна вулканска активност. Највисоката и најистакната точка на териториите е Врвот на Крилицата Марија (Квин Мери Пик) на Тирстан да Куња, на надморска височина од 2.062 метри. КлимаПоради огромното растојание од север до југ (преку 3.600 км), териториите имаат различна клима. Вознесение има топла и мошне сува клима, и преку целата година владее температура до 20 °C и нешто повеќе. Света Елена е поумерена (и сува во крајбрежните делови). Тристан да Куња е поблиску до Јужниот Поларник е доста постуден и повлажен. Ненаселениот најјужен остров Гоф е уште повлажен и зиме има негативни температури. Територијални водиТериторијалните води на островите зафаќаат 12 морски милји (22 км) од нивните брегови појдовни линии. Исклучивиот стопански појас (ИСП) се протегаат 200 морски милји (370 км) од брегот. И покрај големата зафатнина, подрачјата (ИСП) не се допираат, ниту пак достигаат ИСП на други земји и територии. Имаат најголем ИСП од било која британска прекуморска територија (поголем и од оној на самата Велика Британија), поголем од појасот на Филипините, а помал од португалскиот. Ниту островите, ниту нивните ИСП не се предмет на меѓународни спорови.
Административна поделбаАдминистративно, секоја територија има свој совет. Гувернерот претседава со Законодавниот совет на Света Елена, а управниците на Вознаесение и Тристан да Куња претседаваат со нивните островски совети. Света елена има и Извршен совет. Гувернерот на Света Елена е претставник на британскиот монарх. Трите територии имаат заеднички правобранител, врховен и апелационен суд.
Самиот остров Света Елена е поделен на осум окрузи.[7] ОбразованиеСвета Елена има повеќе училишта, меѓу кои „Принц Ендру“. На вознесение работи училиштето „Ту боутс“. Тристан да Куња исто така има свое училиште. РелигијаНајвеќето жители на Света Елена и Вознесение се англиканци, под духовно водтство на Светоеленската епархија на Англиканската црква во Јужна Африка, со свој митрополит. Католичкото малцинство е под водство на Фолкландската митрополија. ВалутаНа Света Елена се користела британската фунта сè до 1976 г. кога почнала да издава свои банкноти (светоеленска фунта) рамносилни на неа. Во 1984 г. започнало ковањето на монети кои се како британските, но со поинаков изглед на опачината. Оваа валута е во оптек и на Вознесение, но не и на Тристан да Куња, каде важи само британската фунта. Територијата нема своја централна банка, туку валутата е врзана со британската фунта, под управа на Банката на Англија во Лондон. Единствена банка на територијата е Државната Банка на Света Елена, која самата одредува стапки на депозит и зајмување и има подружници во Џејмстаун (Св. Елена) и Џорџтаун (Вознесение). Иако нема физичко присуство на Тристан да Куња, неговите жители имаат право на нејзините услуги.[8] СообраќајПоморски сообраќајСите три главни острови имаат пристаниште или помал пристан на бреговите на главните населени места (Џорџтаун, Џејмстаун и Единбург). Покрај тоа, на Света Елена има стовариште и поправалиште за големи бродови во заливот Руперт за рефусен, контејнерски и општ товар, како и мостови за патнички впловувања.[9] Водушен сообраќајАеродромот на Света Елена почнал со редовни патнички летови на 14 октомври 2017 г.[10] Одговорен превозник е „Ерлинк“ (Airlink), кој лета до аеродромот во Јоханесбург секоја сабота, и се враќа истиот ден (или во недела во викендите кога летовите се продолжени до Вознесение). Редовните патнички летови од Света Елена до Вознесение секоја втора недела во месецот, при што авионот се враќа на Света Елена истиот ден, па продолжува за Јоханесбург.[11] На Вознесение има и воен аеродром, но поради неговата оштетеност во април 2017 г. е ограничен да ги осплужува само за најсуштинскиот кадар и најнеопгодните залихи, како и за итни медицински евакуации.[12][13] Редовните воени летови го поврзувале Вознесение со базата „Брајз Нортон“ во Британија и базата „Маунт Плезант“ на Фолкландските Острови, во таканаречениот „Јужноатлантски воздушен мост“. Со нив се превезѕваат оретежно воени лица, иако услугата била достапна и за цивили, со наплата. На Вознесение имаат присуство и американските вооружени сили, кои ја снабдуваат базата со товарен брод; истата служи и како вонредно слетувалиште за вселенски шатлови. Островите на Тристан да Куња немаат аеродром, и до нив се стасува само по пловен пат. Патен сообраќајСвета Елена има патишта со вкупна должина од 138 км, од кои 118 км асфалтирани и 20 км неасфалтирани. Тристан да Куња има околу 10 км асфалтиран пат, додека Вознесение има околу 40 км, исто така асфалтирани.[14] Секој остров има свој систем на регистарски таблички. Сообраќајот се одвива на левата страна на сите три територии, како и во самата Британија. Двете најблиски земји до островите, ЈАР и Намибија, возат на истата страна. ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|