ЛукеЗа други истоимени места, погледајте Луке (појаснување).
Луке — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка. Географија и местоположбаСелото се наоѓа во областа Славиште, во крајниот северен дел на територијата на Општина Крива Паланка, чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија.[2] Селото е планинско и раштркано, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 940 до 1.114 метри. Од градот Крива Паланка е оддалечено 17 километри.[2] Селото се наоѓа во долината на Лучка Река. Околни села се Подржи Коњ, Крстов Дол и Голема Црцорија.[3] Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Трлиште, Марков Дол, Лучка Река, Кучиште, Земни Дол, Дуовички Поток, Петин Рид, Осојина, Гнилиште, Става Дрво, Калјана Полјана, Мечит, Отурица, Балчевица, Бела Вода, Орлов Камен, Дијала, Турска Њива, Преслап, Чупино Брдо, Голем Гар, Кочански Рид, Јаловарник, Широка Орница, Орлово Гнездо, Зло Брдо, Зли Дол, Селиште и Бојиште.[3] Селото е од особен разбиен тип. Постојат осум маала: Папазовско, Колибје, Бошковско, Голем Гар, Јанковско, Долинарско, Караманчинско и Средно. Во секое маало се наоѓаат куќи од еден род.[3] Селото Луке се наоѓа во областа Славиште, на север од градот Крива Паланка. До селото води асфалтен пат. На исток се граничи со селото Крстов Дол, на југозапад со селото Подржи Коњ, на северозапад со општина Трговиште, Србија и на североисток со општина Босилеград, Србија. ИсторијаНа атарот на селото може да се сретнат старини од стари населби. Тоа се месностите Караманчанци, Селиште и други. Особено биле пронаоѓани стари големи земјени ќупови.[3] Денешното село било основано во Средно Маало, кога биле направени првите три куќи. Подоцна биле основани и другите маала, кои се преместиле од ова маало и ги основале другите маала.[3] Селото било основано на почетокот на XIX век од страна на тројца браќа доселени од селото Луково, во близината на Врање. Се верува дека ова е првото населено место во овој дел на Крива Паланка.[3] Во XIX век, Луке било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство. Во атарот на селото се наоѓа пределот Чупино Брдо, што претставува тромеѓе помеѓу селата Луке, Подржи Коњ и Сурлица. Таму се случиле две големи битки. Првата биле меѓу српската и бугарската војска во 1913 година за време на Балканските војни, а втората помеѓу народноослободителните единици и бугарската војска во 1943 година за време на бугарската окупација на Македонија. Таму сега се наоѓа споменик за паднатите борци од НОБ.[3] СтопанствоАтарот зафаќа простор од 22,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 953 хектари, на шумите отпаѓаат 665 хектари, а на пасиштата 553 хектари.[2] Селото, во основа, има мешовита функција.[2] Атарот на селото нудело подеднакви можности за развој на сточарството и земјоделството, но бидејќи тие занимања не пружале доволно средства за живот, многу мажи од селото работеле како рудари.[3] Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Луке имало 980 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Луке имало 1.080 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5] По Првата светска војна селото било дел од општината Подржи Коњ и имало 840 жители.[6] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[7] Луке, поради иселувањето на населението, преминало од големо во средно село по големина. Така, селото во 1961 година броело 829 жители, од кои 812 биле Македонци, а 16 жители Срби, а во 1994 година било преполовено и броело 416 жители, од кои 414 биле Македонци.[2] Според пописот од 2002 година, во селото Луке живееле 338 жители, од кои 337 Македонци и 1 Србин.[8] Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 220 жители, од кои 202 Македонци, 1 Србин и 17 лица без податоци.[9] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиЛуке е македонско село, населено со македонски родови, кои потекнуваат од првите тројца браќа, доселеници.[3] Родови во селото се: Средњомалци (26 к.), Големогарци (24 к.), Колибјани (22 к.), Јанковци (17 к.), Папазовци (14 к.), Долинарци (10 к.), Караманчинци (8 к.) и Бошковци (8 к.). Од родот Папазовци потекнувале селските свештеници. Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
Општествени установи
Самоуправа и политикаСелото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Добровница, во која покрај селото Луке, се наоѓале и селата Голема Црцорија, Добровница, Крстов Дол, Мала Црцорија и Подржи Коњ. Селото било седиште на некогашната општина Луке, која постоела во периодот 1950-1952 и тогаш во нејзе се наоѓале селата Луке и Подржи Коњ. Избирачко местоВо селото постои избирачкото место бр. 0981 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[15] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 252 гласачи.[16] Културни и природни знаменитости
Редовни настани
ЛичностиЛичности починати во Луке:
ИселеништвоОд селото имало иселувања и постојат иселеници насекаде. Детално се знае за следниве родови: Калиманци (5 к.), живеат во кривопаланечкото село Киселица; Миленковци (4 к.), живеат во селото Герман; има иселеници и во овчеполските села Горобинци и Дорфулија (3 к.); околу 10 домаќинства живеат во кумановското село Клечевце и 11 домаќинства во селото Стубла, во близината на Лесковац.[3] Галерија
Наводи
ПоврзаноНадворешни врски
|