Карловце
Карловце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово. Географија и местоположбаНаселбата се наоѓа во областа Козјачија, во северниот дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, од левата страна на реката Пчиња. Селото е раштркано и има ридски карактер, чии маала се издигаат на надморска височина околу 405 метри.[2] Од градот Куманово селото е оддалечено 30 километри.[2] Селото се наоѓа мала висорамнина, лево и десно од долината на реката Бистрица, притока на Пчиња.[3] Атарот е мошне мал и зафаќа површина од само 2,8 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 132 хектари, на пасиштата отпаѓаат 110 хектари, а на шумите само 29 хектари.[2] Карловце е село од разбиен тип. Десно од Бистрица се маалата Тодоровци (3 к.) и Ќелинци (2 к.), додека лево од неа се маалата Ридарци (6 к.) и Стојановци (3 к.).[3] ИсторијаНа атарот на Карловце нема остатоци на старини. Населбата спаѓа во релативно младите села во Кумановско. Основачи биле две домаќинства од кои потекнуваат денешните родови, Ќелинци и Стојановци, кои се доселиле од негде, веројатно во првата половина на XIX век.[3] Карловце најпрвин се наоѓало во дното на долината на Бистрица, месноста Грашиште. Таму се наоѓало до 1870 година. Потоа, жителите се поделиле на маала.[3] Во XIX век, Карловце било христијанско село во рамките на Кумановската каза на Отоманското Царство. До 1912 година, селото било подложни на грабежи од Арбанаси од селата Мутилово и Бугариња од Прешевско. Најчесто краделе волови и овци.[3] СтопанствоСелото има полјоделско-сточарска функција.[2] Поради лошите услови во селото, неговите жители честопати оделе на печалба. Во текот на отоманскиот период, оделе во Романија и Бугарија како пекари и ѕидари. Во текот на двете светски војни оделе во Србија, а по завршувањето на Втората светска војна се одело во Германија.[3] Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Карловце имало 126 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Карловце имало 120 жители.[5] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.[6] Карловце е мала населба, која што во 1961 година броела 77 жители, а во 1994 година само 16 жители, македонско население.[2] Според пописот од 2002 година, во селото Карловце имало 11 жители, сите Македонци.[7] Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, од кои 4 Македонци и 1 лице без податоци.[8] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиМалобројното население на Карловце потекнува од предоците на доселените. Родови се: Ќелинци (2 к.) и Стојановци (2 к.), слават Свети Никола; Тодоровци (3 к.), слават Свети Никола, со потекло од селото Бајловце, го знаат следното родословие: Ѓоргија (жив на 70 г. во 1970 година) Илија-Каравил, кој се доселил; Раманчани (4 к.), слават Свети Архангел, доселени во 1912 г. од селото Рамно; Иванковчани (2 к.), слават Свети Архангел, доселени помеѓу двете светски војни од Иванковци во Горна Пчиња.[3] Самоуправа и политикаСелото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Карловце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане. ИселеништвоРодот Гарејци (4 к.) се иселил во соседното Степанце. Во поново време, иселувањата биле кон градот Куманово.[3] Наводи
Надворешни врски |