Павел Шатев
Павел Шатев (15 јули 1882 во Кратово — 30 јануари 1951 во Битола) — истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија — прв министер за правосудство. Бил и слободен ѕидар.[1] ЖивотописОбразованиеОсновното училиште го завршил во родниот град, а потоа се запишал во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година, своето образование го продолжил во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурирал. ГемиџијаИстовремено се приклучил на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја извеле својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Ова дејствие било успешно извршено, при што бродот бил запален, а и сите патници биле спасени. ПрогонствоТој бил уапсен и на судската постапка на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Амнестија и дообразувањеВо 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно дошол во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел, каде студирал на Правниот факултет. Меѓу македонската емиграција во БугаријаВо текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател. Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија. Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор. Учесник во создавањето на современата македонска државаПо капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, потписник е на Апелот до Македонците во Бугарија заедно со други видни револуционери и дејци како: Ангел Динев, Туше Делииванов, Петар Шанданов, Михаил Герџиков и др.[3] Се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.[4] На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година. Судир со новите македонски комунистички властиШатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“[5] На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година. Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски. Мисли
Наводи
Литература
Надворешни врски
|