Северномакедонско наречје
Северномакедонско наречје — едно од трите наречја на македонскиот јазик. Ова наречје се зборува на територијата на северна и североисточна Македонија, околу градовите Тетово, Скопје (Црногорија), Куманово, Кратово, Крива Паланка и Свети Николе. Наречјето се дели на две подгрупи и тоа: западна група и источна група. ГранициНа југ тие граничат со кочанскиот, штипскиот и велешкиот говор. Граничната линија во наjгруби црти оди (по правецот исток - запад) по вододелницата меѓу Брегалница и Злетовска Река, ја сече последнава јужно од Злетово и излегува на селото Судик. Ова е истовремено и границата мегу кочанскиот и кратовскиот говор. Меѓу штипскиот и овчеполскиот говор, границата оди по линијата Судик - Врсаково - Богословец. Овие се најјужни села каде што доминираат црти од овчеполскиот говор. Од Богословец границата оди кон северозапад по правецот на селата Кнежjе - Трстеник - Џидимирци, кои се наоѓаат западно од Свети Николе, а спрема скопската говорна област по правецот Џидимирци - Дивље - Горно Коњари - Миладиновци (Аџалари) - Буjковци. Во последниве две села готово подеднакво се употребуваат кумановски и скопски црти. Спрема Скопската Црногорија граничната линија поминува северно од Скопjе. Во селата Стаjковци, Црешево, Горно Оризари, Волково и Кучково, кои се наоѓаат сите на една линија, преовдадуваат црти од црногорскиот говор, негде повеќе, како на пример во Кучково и Горно Оризари, негде помалку. Областа меѓу Вардар до неговиот завоj северозападно од Радуша и Лепенец населена е со албански елемент. На север овие говори граничат со српската јазична територија. Јазичната граница оди приближно по линијата Шар - јужно од Качаник - Скопска Црна Гора - Козјак - Широка Планина - вододелницата меѓу Крива Река и Горна Пчиња - бугарската граница. Последни македонски населби спрема прешевската област се: Думановце, единствено македонско село меѓу албанските населби во кумановскиот дел на Црногоријата, Табановце, Алгуња, Пелинце, јужно од манастирот Прохор Пчински, а спрема Горна Пчиња: Буковљане, Длабочица, на кумановскиот дел и Герман, Нерав, Огут, Подржи Коњ, Луке на кривопаланечкиот. Источната граница на северните говори оди по државната граница меѓу Македонија и Бугарија. Сите овие говори во својата основа претставуваат еден посебен дијалектен тип. Од другите наши дијалекти со кои граничат на југ се разликуваат со ред и фонетски, морфолошки и синтаксички особености. Но исто така тие се разликуваат и од призренските и јужноморавските српски дијалекти со кои граничат на север и со коишто имаат повеќе органски врски.[1] Дијалектни одлики
Разлики меѓу овие говориПостојат разлики и во рамките на самите северни говори, со што се укажува на тоа дека и овие говори не покажуваат апсолутно единство. Од една страна стојат говорите во источниот дел од северното наречје (кумановскиот, кратовскиот, кривопаланечкиот и овчеполскиот), кои се одликуваат, главно, со: слободен акцент , употреба на една членска наставка (-ат), предлогот со овде е сас/сăс и други црти, со кои овие говори стојат поблиску до источните македонски говори. Од друга страна пак, говорите од западниот дел од ова наречје (скопскоцрногоркиот и тетовско-вратничкиот или долнополошкиот говор), ги одликува: третосложниот (фиксиран) акцент, губењето на меѓусамогласното в, употребата на троен член, со што се овие говори поблиску до западното македонско наречје. Дијалекти на северномакедонското наречје
Наводи
|