Селото е сместено во источниот дел на областа Тиквешко Мариово, на надморска височина од 740 м. Има многу голем атар кој зафаќа површина од 52,1 км2. Се претпоставува дека во постаро време Галиште се наоѓало на друго место поради положбата на црквата „Св. Атанасиј“.[3]
Околу возвишението на селото течат потоци кои подолу ја образуваат Галишка Река, која пак тече во јужен правец и завршува како притока на Црна на јужната атарска граница.
Меѓу околното население постои легенда за основањето и настанокот на името на селото, која вели дека во некое многу дамнешно минато во овој крај живееле тројца браќа: Гале кој заминал преку Трибор и го основал Галиште, Вито кој се населил и го основал Витолиште и Раде кој заминал преку Дрен Планина и го основал Радобил.[5]
Следат османлиски пописни податоци за Галиште од XV и XVI век кои го покажуваат растот на селото според бројот на неговите домаќинства:
Носијата на мажите и жените е сосема поинаква од онаа во Река и Тиквешко. Таа е бела кај мажите со малку вез, а кај жените со многу вез, која достигнува до 5-6 оки волнена преѓа. Појасите на жените се волнени плетени остри како женска коса и долги. Опашувањето претставува еден многу дебел прстен околу половината, направен од многу плетеници. Над челото потстрижени (цулувци), а од кај ушите се долги потстрижени и се нарекуваат кркма. Вода носат на глава. Мажите си ги носат ризите над гаќите и се опашуваат со разнобојни појаси (кемери).[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[11]
Иако порано било релативно големо село, Галиште почнало да се раселува во XX век, така што веќе по Втората светска војна имало значително помалку жители. Намалувањето на населението продолжило и понатаму, при што најдраматичниот пад се случил во 1970-тите, сведувајќи се од 292 жители во 1971 на само 15 жители во 1981 г. Во следните периоди имало по двајца жители, а според пописот од 2002 година, Галиште веќе немало ниеден жител.[2] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години: