Милтон Фридман се родил на 31 јули1912 година во Бруклин, Њујорк, како четврто и последно дете, а воедно и единствен син на Сара Ландау и Џено Фридман, еврејски доселеници од Австроунгарија. Веднаш по неговото раѓање, семејството се преселило во Равеј, Њу Џерси. Таму, Фридман завршил основно и средно образование. Во 1928 година, годината кога матурирал, татко му починал и тоа го направило неговиот живот финансиски нестабилен. Сепак, Фридман бил решен дека ќе студира и дека за тоа сам ќе се финансира[5] Добил стипендија на Универзитетот "Руџерс" во Њу Џерси. Учењето го финансирал со тоа што работел како келнер, продавач и разни мали заработувачки. На почетокот го интересирала математиката со желба да стане актуар. Подоцна, под влијание на неговите професори по економија Артур Ф. Барнс и Хомер Џонс, се заинтересирал и за економијата и на крајот дипломирал во двете области во 1932 година. Благодарение на Хомер Џонс, во 1932 година, Економската школа во Чикаго му понудила полна стипендија за да го продолжи своето образование, а во истото време, добил понуда и од Универзитетот "Браун" за да продолжи да студира математика, која не ја прифатил. Во првата година од студиите во Чикаго се запознал со разни интелектуалци меѓу кои и Јакоб Винер, Франк Најт, Хенри Шулц и многу други, со кои продолжил да соработува во текот на неговата кариера. Исто така, тогаш ја запознал и Роуз Директор, со која по шест години се оженил.
Во 1933 година, Фридман магистрирал и добил стипендија од универзитетот "Колумбија" каде што Харолд Хотелинг го запознал со математичкиот и статистичкиот дел од економијата. По една година, Фридман се вратил во Чикаго и се вработил како асистент на Хенри Шулц, кој во тоа време работел на своето дело "Теорија и мерење на побарувачката". Во 1935 година, Фридман работел во Националниот комитет за ресурси, на студијата за поголем буџет за потрошувачката, работа која подоцна ќе претставува еден од главните делови на неговиот труд " Теорија на функцијата на потрошувачка". Потоа, се вработил во Националното биро за економски истражувања, каде му помагал на Сајмон Кузнец во истражувањето за националниот доход, и на крајот, заедно го објавиле "Доходот од независна професионална пракса", дело кое подоцна, во 1945 година, го употребил како свој докторски труд. Од 1941 до 1943 година, Фридман работел во Министерството за финансии на САД, каде што како портпарол, водел кејнзијанска политика за даноци и измислил систем на одбивка со цел да се зголемат даноците, поради тоа што на државата и биле потребни многу пари.[6]
Периодот од 1943 до 1945 година го поминал во истражувачкиот центар на Универзитетот во Колумбија, предводен од Харолд Хотелинг и Алан Валис, каде работел како статистичар на проблеми од областа на оружјата, воените тактики и металуршките експерименти. Во 1945 година, поминал една година како професор на Универзитетот во Минесота, а од 1946 година предавал на Универзитетот во Чикаго. Во истиот период,повторно се приклучил на Националното Биро за економски истажувања и презел одговорност за проучување на улогата на парите во деловниот циклус. За тие потреби, во универзитетот создал работилница за "Пари и банкарство". Исто така, тогаш ја започнал својата соработка со Ана Шварц, со која подоцна го издал делото "Монетарната историја на САД 1867-1960". Есента 1950 година ја поминал како консултант на Американското претставништво во Париз, а академската 1953-1954 година ја поминал како гостин-професор во Гунвил и Кајус колеџот, дел од Универзитетот "Кембриџ", каде што главно бил изучуван кејнзијанизмот.[7] Во 1960-тите, Фридман учествувал прво како советник на сенаторот Голдвотер во неговата неуспешна претседателска кампања, а потоа и на истата позиција и во успешната кампања на Ричард Никсон.
Во 1966 година започнал да пишува колумни во магазинот Њусвик (Newsweek), наизменично со Пол Семјуелсон и Хенри Валич, на секои три недели сè до 1983 година. Во 1970-тите патувал во Чиле, Јужна Африка и Зимбабве, каде држел предавања од областа на економијата.[8] Посебно значење има неговото патување во Чиле во 1975 година, каде бил повикан да држи предавања за неговите принципи за економската слобода. Во реформите во Чиле учествувале многу чилеански студенти на Фридман од универзитетот во Чикаго кои биле наречени "Момчињата од Чикаго".[9]
Во 1976 година, Фридман ја добил Нобеловата награда за својот приндонес во економијата, посебно за неговите достигнувања во анализата на потрошувачката, монетарната историја и теорија и за неговата демонстрација за комплексноста на стабилизационата политика. Следната година се пензионирал од универзитетот во Чикаго и се преселил во Сан Франциско. По пензионирањето, станал виш научен соработник на институтот "Хувер" во Стенфорд. Од 1977 до 1980 година работел на проект со кој создал документарна серија од 10 дела наречена "Слободен избор", во која ја прикажал својата економска и животна филозофија. Во 1980 година, Фридман бил советник на претседателската кампања на Роналд Реган и за време на неговото владеење служел во претседателскиот одбор за економски советници. Покрај тоа, на почетокот од 1980-тите, тој ја советувал и владата на Велика Британија, предводена од Маргарет Тачер. Притоа, Фридман имал големо влијание врз Алан Валтерс и Патрик Минфорд, двајцата главни макроекономски советници на Тачер.
Во 1988 година го добил претседателскиот медал за слобода. Исто така, во овој период, Фридман интензивно патувал. Во 1980 и 1988 година патувал во Кина, каде учествувал во разни семинари и држел предавања за развој на кинеската економија. Во 1990 година патувал во Источна Европа и снимил документарен филм за Советскиот Сојуз. Фридман отсекогаш бил заинтересиран за обезбедување поевтино школување, и во 1996 година, заедно со својата жена, ја создале фондацијата за помош во школувањето. Милтон Фридман умрел на 16 ноември2006 во Сан Франциско поради прекин на неговото срце.
Научен придонес
Монетаризам
Идеите на Фридман биле под влијание на класичната школа. Заедно со неговите колеги, тој го бранел ставот за слободните пазари и го воскреснал влијанието на школата "laissez-faire", која била целосно разнишана по Големата депресија.[10] Фридман е најпознат по својата монетарна теорија, т.е. неговата контрареволуција и реформулирањето на квантитативната теорија за парите. Според него, "само парите се важни".[11] Како основа за своето учење, Милтон Фридман ја зел квантитативната теорија на парите, според која:
MV = PQ M- количество на пари
V- брзина на оптекот на парите
P- општото ниво на цени
Q- обемот на паричните трансакции по постојани цени
V се зема како стабилна големина, додека десната страна од равенката го претставува номиналниот БДП, па оттука, класичарите заклучуваат дека промената на понудата во пари е доминантен фактор кој ги објаснува промените во номиналниот доход.[12] Фридман нагласувал и емпириски наведувал дека понудата на парите претставува егзогена променлива и влијанието оди од промените на количеството на парите кон промени во побарувачката на стоки, промени во доходот и најпосле, промени во нивото на цените.[13] Тоа го доведува до заклучокот дека, на краток рок, зголемувањето на количеството на пари доведува до промени во гореспоменатите категории, додека, на долг рок, тоа предизвикува само пораст на цените.[14] Врз таа основа, тој го исфрлил познатиот став дека, секогаш и секаде, инфлацијата е монетарен феномен, во смисла дека таа се создава и може да се создаде само со порастот на количеството на пари, кој е побрз од стапката на порастот на производството.
Врз таа основа, Фридман го предложил своето "k-percent" правило, кое се залага за автоматска монетарна политика, врз чија основа, вкупното количество пари би растело по стабилна, константна стапка, секој месец и секоја година, независно од бизнис циклусот и тоа би обезбедило стабилни монетарни рамки за економскиот растеж, наспроти дискреционата монетарна политика. Со тоа, Фридман се спротивставил на Кејнз дека монетарната политика е бескорисна алатка за макроекономска стабилизација. И оттука потекнува називот "Монетаризам" на неговата економска филозофија, даден од Хенри Симонс.[15]
Исто така, тој се спротивставил на Кејнзијанскиот став дека фискалната политика треба да претставува главен инструмент за управувањето со агрегатната побарувачка, и интензивно пишувал дека Големата Депресија била предизвикана од лошата политика на Федералните резерви.[16] Фридман објаснил зошто филипсовата крива исчезнува веднаш штом власта се обиде да ја експлоатира замената меѓу производството и инфлацијата. Во неговото дело, издадено во 1968 година, Фридман наведол дека ако владата ја зголеми инфлацијата, тогаш ќе ја зголеми и вработеноста. Меѓутоа, невработеноста може да биде само привремено ниска, на долг рок, невработеноста ќе биде условена од пазарот на труд, а инфлацијата ќе остане висока.
Хипотеза за перманентен (постојан) доход
Како најголем придонес на Милтон Фридман за економската наука, истакнат при доделувањето на Нобеловата награда во 1976 година, е земена неговата хипотеза за перманентен доход. Во своите анализи, покрај остварениот доход, тој ја воведол и категоријата "перманентен доход".[17] Перманентниот доход се однесува на трендот на доходот, т.е. оној доход со кој луѓето се насочуваат да го упросечат својот временски профил на потрошувачката. Поради тоа што претставува просечен доход, од него се одземени сите негови осцилации, додека разните осцилации на доходот, Фридман ги нарекол привремен или транзиторен доход. Според оваа хипотеза, за да го одржи константен текот на потрошувачката, поединецот секоја година троши износ кој одговара на перманентниот доход.[10] Притоа, ако дојде до значајна случајна промена во неговото богатство, доаѓа и до промена во неговиот перманентен доход и неговата потрошувачка. Заклучокот на Фридман е дека промените во транзиторниот доход имаат мало влијание врз потрошувачката, за разлика од промената во перманентниот доход, која има многу големо влијание.
Статистика
Покрај придонесите во економијата, Милтон Фридман дал придонес и во статистичката наука, посебно во времето кога работел во Истражувачкиот центар во Колумбија. Таму, заедно со своите колеги, тој измислил начин за откривање на разликите во третманите на тестирањата на различни примероци. Фридмановиот тест претставува еден вид на анализа на варијансата, која се применува кај ординирани (рангирани) примероци.[18]
↑Милтон Фридман за nobelprize.org". Нобелова награда. 1976. Повлечено February 20, 2008
↑Таки Фити, Основи на економија, Економски факултет, Скопје 2008 стр. 501.
↑Davis, William L, Bob Figgins, David Hedengren, and Daniel B. Klein. "Economic Professors' Favorite Economic Thinkers, Journals, and Blogs", Econ Journal Watch 8(2),May 2011, стр. 126–146.
↑"Milton Friedman, a giant among economists". The Economist. November 23, 2006. Повлечено на 20 февруари 2008.
↑Валдез, Хуан Габриел (1995), "Pinochet's Economists: The Chicago School of Economics in Chile, Cambridge", Cambridge University Press.
↑ 10,010,1М. Бурда, Ч.Виплош, Макроекономија, Европски текст, Македонски превод, 2009.
↑P.Samuelson, Ekonomska citanka "Nakladni zavod Matice Hrvatske", Zagreb, 1975.
↑Milton Friedman. "The Quantity Theory of Money - A Restatement." во: Milton Friedman, ed. Studies in the Quantity Theory of Money. The University of Chicago Press, Chicago, 1956.
↑Љубе Трпески, "Монетарна економија", Скен поинт, Скопје, 2008.
↑Milton Friedman, Studies in the Quantity Theory of Money, The University of Chicago Press, Chicago, 1956.
↑М. Бурда, Ч.Виплош, Макроекономија, Европски текст", Македонски превод, 2009.
↑MIlton Friedman, Rose Friedman, "Two Lucky People".
↑Љубе Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2008.