Враништа
Враништа (познато и како Враниште) — село во областа Дримкол, во Општина Струга, на патот помеѓу градовите Струга и Дебар. Географија и местоположбаСелото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку северно од градот Струга, на оддалеченост од околу четири километри.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 700 метри. Дел од селото се наоѓа на самиот регионален пат Струга-Дебар. Поради близината на селото до градот Струга, ова големо село припаѓа на рурбалната зона на градот.[2] Ова големо село е сместено во областа Струшки Дримкол, во близина на коритото на реката Црн Дрим, односно од неговата лева страна, покрај регионалниот пат Струга-Дебар. Во неговата околина се наоѓаат селата Ложани, Велешта, Долна Белица и Драслајца.[3] Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Горна црква, Света Врача, Кралеј загони, Калдрма, Горни и Долни лозја, Мустафов (или Мустоф) гроб, Арифов гроб, Коритниче, Орлово седело, Под лаг, Пикфа Ливада, Ќерамидница, Дабче, Шумски ливади, Бошков кладенец, Бранејнца, Под бранејнца, Софтој загони, Таљо речиште, Кај тополата, Јасенче, Танасија, Врчков трн, Дренче, Мали пат, Света Петка, Манастирски ореј, Костенче, Горна Тумба, Под пат, Црковни ливади, Mали дрим, Чулчеј загони, Бостаниште и Куциница.[3] Селото е од збиен тип и порано се разликувале маалата како: Затуроска, Ќосеска, Ническа, Делиоска, Мацеска итн. Поради зголеменото население денес овие маала и не се спомнуваат, освен кај постарите жители.[3] ИсторијаЗа време на Римјаните по зборувањата на извесен Г. Милески во поранешниот струшки крај се спомнува населението Патрас, а одејќи на исток по патот постоела станица наречена Понс Сервили. Истиот автор мисли дека Патрас бил град сместен на атарот на денешното село Радолишта и дека станицата се наоѓала кај денешно Враништа. Од податоците од средниот век денешна Струга се нарекувала Вранишка Струга. Во народот постои едно предание дека Враништа некогаш имало повеќе население т.е. „личело на град“. Жителите на тој град годишно приредувале и по 70 свадби. Во Враништа постоел и значаен манастир и неколку цркви. Денешна Струга, која се наоѓала јужно од Враништа, тогаш не била значајна населба бидејќи се состоела од само неколку рибарски колиби. Меѓутоа подоцна, за време на владеењето на Турците, Враништа поради некоја непозната причина пропаднала. Според легендата се смета дека населението изумрело од чума, а бидејќи немало кој да ги закопа телата на изумрените ги колвеле враните (од тука е дојдено и името Враништа-врани).[3] Денешното село е основано од доселени македонски семејства, кои дошле да ја обработуват земјата на турските чифлизи. Од семејствата се смета дека најстари се Миновци, Марковци, Ничевци и Мацевци и за нив се вели дека се „први по старост во селото“. Нивното населување е извршено најверојатно во XVIII век. После нив се населени предците на останатите денешни селски семејства.[3] Во XIX век, Враништа било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство. Земјата околу селото е доста плодна и затоа за време на владеењето на Турците тука постоеле чифлизи. Сопственик на најголемиот чифлиг кон крајот на XIX век и почетокот на XX век бил Абдул Алим-паша. Живеел некаде длабоко во Турција (веројатно во Солун). Него на чифлигот го застапувале тројца Албанци од околината на Дебар. За приликите на чифлигот записи можат да се најдат во делото на А. Крстиќ - „Јове наполичар“, каде се наведува како Беќир-пашин чифлиг. Помал чифлиг во Враништа имале браќата Саит и Бари Ќура, Албанци од соседното село Велешта. Пред крајот на владеењето на Турците тие биле населени со своите семејства во Враништа, а куќите им биле покрај денешната селска црква. После 1912 година тие морале да се вратат во Велешта. После ослободувањето од Турците чифлизите постепено преминале во посед на селаните Македонци. Мал дел купиле од чифлигот на Саит и Бари Ќура, додека останатиот го добиле после аграрната реформа од 1946 година.[3] На атарот околу селото постојат две наоѓалишта Мустафов и Арифов гроб. На овие места во турско време се погребувале телата на убиените Албанци од околните села, кои ги убивале во меѓусебна крвна освета.[3] СтопанствоАтарот не е многу голем и зафаќа простор од 5,8 км2, кој речиси целосно му припаѓа на обработливото земјиште.[2] Селото, во основа, има полјоделска функција.[2] До крајот на турското владеење, полјоделството не било толку развиено и се живеело од сточарство и риболов. Поединци имале многу грла говеда и по неколку стотина овци. Риболовот бил развиен во Црн Дрим и во околните напуштени речни ракави. Со време, како бројот на населението се зголемувал, а нивите веќе биле поделени и бројот на стоката опаднал, дел од населението заминувал на печалба.[3] Население
Според податоците од 1873 година, Вранишча имало 95 домаќинства и 246 жители мажи, 16 муслимани и 130 Македонци.[4] Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Враништа имало 532 жители.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Враништа имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6] На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Враништа е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 65 куќи.[7] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[8] Во 1961 година селото броело 730 жители, но во 1994 година бројот се зголемил двојно, односно на 1.420 жители, од кои 1.411 биле Македонци, пет Срби и двајца жители Власи.[2] Според пописот од 2002 година, во селото Враништа живееле 1.517 жители, од кои 1.506 Македонци, 4 Срби, 4 Власи и 3 останати.[9] Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.563 жители, од кои 1.471 Македонец, 8 Албанци, 3 Власи, 3 Срби, 2 останати и 76 лица без податоци.[10] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиВо Враништа живее македонско население. Сите семејства се доселени. Едни се доселени од турско време (151 к.), додека има доселеници и по Втората светска војна (27 к.).[3]
Понови доселеници од 1974-1977 година има од Нерези, Модрич, Јабланица, Луково, Пискупштина итн. кои во Враништа имаат нови куќи со малку куќно место. Општествени установи
Самоуправа и политикаСелото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга. Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Струга. Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Велешта, во која покрај селото Враништа, се наоѓале и селата Велешта, Горно Татеши, Добовјани, Долна Белица, Долно Татеши, Ташмаруништа и Тоска. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната општина Враниште, во која влегувале селата Враниште (Враништа), Долна Белица и Ложани. Избирачко местоВо селото постојат избирачките места место бр. 1869 и 1870 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.[15] На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.333 гласачи.[16] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.300 гласачи.[17] Културни и природни знаменитости
Во јуни 2014 година, во комплексот на црквата „Св. Никола“, со поддршка на Министерството за култура, музејот „Доктор Никола Незлобински“ од Струга и црковниот одбор од селото Враништа била отворена музејската поставка со вредни археолошки предмети и средновековни артефакти (кремени, камени и керамички предмети од неолитот, антиката и средниот век).[22] Средновековни црквиВо Враништа се наоѓаат остатоци од три средновековни храмови. Тие се наоѓаат на местата: Горна црков, Света Врача и Свети Аранѓел.[3] На првото место кое се наоѓа северно од селото се наоѓаат остатоци од манастир. Храмот бил посветен на „Пречистa“ т.е. Света Богородица Вранишка. Храмот е изграден во XI век. Дебелите ѕидови на овој храм се изградени од камен бигор кој е носен од селото Вишни кое се наоѓа на планината Јабланица. По овие остатоци се гледа дека тоа бил голем и доста познат манастир. Денешните жители оваа знаменитост ја нарекуваат „кралска црква“. Жителите на Враништа таму се собираат на Духовден, Крстовден и Пречиста. Тука, сега се наоѓаат селските гробишта.[3] Местото Света Врача се наоѓа североисточно од селото. На тоа место за време на Првата светска војна е изградена црквичка и таму жителите ја посетуваат за време на нејзината слава. Местото Свети Аранѓел лежи западно од селото и таму постои исто така црквичка со неколку икони.[3] Постојат уште две карактеристични наоѓалишта: Света Петка и Танасија. Првото се наоѓа кај селското училиште. Таму постои мала црквичка изградена по Втората светска војна, која денес повторно е изградена. На тоа место постоеле и два суви бреста кои никој не смеел да ги исече, но поради старост паднале и двата. Во местото Танасија, југозападно од селото, постои исто така мала црквичка.[3] Во средината на селото се наоѓа црквата Свети Никола Талалеј. За неа е објавено дека е обновена во 1804 година, а самото градење го финансирал некој Абаз-паша. На денот на црковната слава во исто време е и селска слава и тука се одржува „ордија“ (панаѓур). На тој ден доаѓаат гости од соседните села и од градот. Домаќините на гостите роднини им приредуваат ручек во своите домови, додека за останатите гости се дава ручек кај самата црква. За таа пригода се коли теле.[3] Култура и спортСелото е седиште на ФК Враништа, кој во минатато го носел и името ФК Македонија Враништа, а под тоа име, во сезона 2001/02 настапувал во Втората македонска фудбалска лига. Во овој клуб, својата кариера ја започнал познатиот македонски фудбалер Игор Митрески. Личности
ИселеништвоНаселението во Враништа до крајот на Втората светска војна не се иселувало, меѓутоа после војната дошло до иселување главно на помладите генерации и тоа во Струга, како и надвор од државата (поради печалба). Едно порано иселено семејство од Враништа се Шмаговци кои се иселиле во селото Вапила, Охридско.[3] Наводи
ПоврзаноНадворешни врски |